Луна, те сакам!

„Луна, те сакам!“ – си рече самата на себе.
„Луна, те сакам!“ – ѝ повтори на тишината. Па ѝ се сврте на празнината – „Знаеш ли дека постојат луѓе кои не можат да се погледнат во огледало и да си речат: Те сакам?“ – потоа продолжи „Многу сакам да запознам такви личности!“ – „Да им помогнам сакам!“ – додаде.
Ехото ѝ ги надразни ушите. Не, душата ѝ ја надразни. Не затоа што не си им веруваше на зборовите, туку затоа што ја болеа спомените.

****

Неделно попладне. Темно, не многу, ама доволно за хоризонтот матен да е. Девојка, чешел, огледало. Повторувачки потези за расплетување на хаотичните прамени од косата. Поглед остар во огледало, празен, тажен. Пеколна тишина. Темен телефонски екран. Исчекување на однапред познатата утописка небиднина.
Погледот не се поместува, косата долго веќе е совршено исчешлана, но раката не прекинува да го движи чешелот низ влакната, само што не го зарила во кожата.
„Ме сакаш ли?“ – го прашува телефонот.
„А ти, ме сакаш ли?“ – ѝ одговара огледалото.

14658376_937481583063602_1866503235_n

 

Цигара

Замисли дека седиш на највисоката кула во светот. На самиот врв. Не знаеш како чекорите те одвеле таму, не ни знаеш зошто воопшто телото моментално ти е позиционирано токму на тоа место. Ништо не знаеш. Само седиш и пушиш цигара. Вдишуваш, ги затвораш очите, дозволуваш чадот во твоето тело да стои доволно долго за да го почувствуваш задоволството на уништувањето на белите дробови, па го испушташ остатокот од чадот низ нос. Не ги отвораш очите, само ја држиш млитаво цигарата и не размислуваш на ништо. Мислите ти се ставени на фак оф уште пред да се искачиш на кулата. Ги отвораш очите и погледот ти е празен. Немаш ништо ни во него ни во себе. Имаш само една цигара во раката која со секое вдишување станува сѐ помала. Го вдишуваш и последниот дим. Повторно истата процедура. Вдишуваш, го чуваш во себе, па го испушташ низ нос. Го фрлаш отпушокот и тој слободно паѓа надолу.

Паѓа, паѓа, паѓаш. Сѐ поблиску е до земјата, сѐ поблиску си до местото од каде што претходно тргна нагоре. Паѓа, паѓа, паѓаш и никако да допре дно, никако да стигнеш до земја. Ветрот игра. Го одвејува одпушокот, те одвејува.

Агонија. Кога до дното, кога до почетокот? Не се знае. Ветрот е пресилен владетел, а отпушокот само немоќен роб. Ти робуваш. Себе, на ветрот, на отпушокот, на дното.

Апокалипса. Најавувана, објаснувана, теоретски раздробена никогаш практично исполнета. Агонија и апокалипса заедно. Ти и отпушокот еквивалентни.

Замисли се себе. Заборави дека немаш раце, нозе, очи, усни, уши. Биди цигара на момент. Биди неколку минутно самоуништувачко задоволство. Патувај. Од почетокот до крајот. Од првиот дим, до последниот.

Што чувствуваш?

Истото што го чувствуваш и додека имаш раце, нозе, очи, усни, уши…

Зошто? Прашај се зошто и престани да глумиш робовладетел, не си ништо повеќе од неколку минутно самоуништувачко задоволство во очите на вистинскиот господар. А тој кој е? Не е Аллах чие име извикуваш додека се разнесуваш и со себе земаш уште десетици животи. Не е Исус чие што повторно раѓање го чекаш и замислуваш рај. Не е татко ти. Ниту дедо ти. Не е твојот омилен тутор, ниту идолот твој е. Сите тие се само отпушоци.

Тогаш кој е? Размисли. Кој е?the_smoke_by_lucaszoltowski

 

Каменот на Сизифка

Девојка по ништо посебна, така барем таа за себе мислеше. Очи црни како темјан, доволно големи да те проголтаат, доволно мали да не ги забележиш, ако не сакаш. Коса таласеста, како брановите од Црното море, но таа ја правеше. Чинеше така ќе успее да ги смири плимите и осеките кои војуваа во нејзината душа. Усните не ѝ беа мирни. Како ќе ѝ бидат кога ни таа самата не беше. Се зажалуваше дека ќе медитира, но медитацијата значи ослободување од стегите, а таа не само што не се ослободуваше туку уште повеќе запаѓаше во канџите на титанот Бог.

Ги затвори очите. Мигот ги отвори. Од кревет и соба со бели ѕидови кои беа нејзин хоризонт пред една секунда, сега само камен и голем рид пред себе виде. „Што е ова?“ – помисли. Кон небото погледна, од него, од Богот чекаше одговор. Не доби, а сѐ уште чекаше, иако знаеше дека нема да добие ни одговор ни наредба. „Што ли сака сега тој?“ – се запраша, но не беше тоа реторичко прашање, очајно сакаше прашањето тој да ѝ го одговори, но повторно беше изневерена. „Треба да се искачам на врвот, така ќе стигнам до него, во очи ќе го гледам и ќе го прашам.“ Така и би. Ги спрегна силите, и тие што ги имаше, а тие што ги немаше се обиде да ги измисли и успеа, се издигна до врвот заедно со каменот, кој повеќе на куп од празни хартии наликуваше, а тежеше како да е мермер. Не успеа да го праша ништо. Не го ни здогледа. Повторно на дното се најде. „Тоа ли го сака? Тоа ќе го направам!“ – и без размислување поита повторно да се искачи.

Да, не размислуваше, само дејствуваше. Боговите постојат за да заповедаат, а луѓето да послушаат и да дејствуваат. Низ носните празнини крв се слеваше до усните, од сопствената крв како вода се напојуваше. Црните очи веќе се обелија од умор, грбот ѝ се беше свил во облик на самиот рид, но ниту успеа да го види, ниту успеа да го праша, веќе и заборави кое беше нејзиното прашања и зошто го туркаше каменот до самиот рид иако знаеше дека повтор на дното ќе се најде. Заборави, ама не престана да ги повторува истите постапки.

Се чинеше дека на репризите ќе им нема крај. Во текот на искачувањата почна да си ја раскажува приказната за Сизиф. Се нарече себеси Сизифка, иако нејзиното име беше Мајка, Божица. Исмевајќи се на сопствената мака полесно ѝ минуваа бесцелните искачувања, и незабележливите симнувања. На последното искачување силно викна „Сизифкааааа“ ехото ѝ ги рани ушите. Сега крвта почна да лее низ сите нејзини пори. Каменот сам се слеа на дното. Таа остана на врвот. Слушајќи го ехото кое не престануваше да повторува „Сизифка“ таа погледна кон небото и не го виде. Погледна кон небото и себе се виде. Голема. Со таласеста коса, очи големи и усни насмеани. Всушност не се виде на небото, туку се издигна на небото, а кога погледна на местото од каде што таа го започна своето патување го виде него, паднатиот титан. Сите сили ги збрал и туркаше, но пред него камен немаше. Туркаше празнина, затоа и не се помрднуваше од дното. Се туркаше себеси.

woman-sun-goddess

Алмодовар и жената во телото на мажот

Педро Алмодовар, шпански режисер кој по сѐ отскокнува од шпанското романтично едноличие. Во основа, ако се обидеме да му го најдеме формациското место на овој режисер тој несомнено, и без ниту миг колебање може да се смести само во натурализмот како правец во уметноста. Неговите дела секогаш, ама буквално секогаш се обидуваат да се протнат во најтемните страни на човечкото постоење. Не знам за друг режисер кој толку макотрпно работи во протнувањето во човековото несвесно, а тоа е впрочем и најтабуирано во општеството. Не поради тоа што е дел од нашиот свет кој не сака да излезе на виделина, туку затоа што најмногу се коси со митовите кои виреат низ светот, а ако тоа е неговата дејност, веднаш ни станува јасно дека не е баш омилен за пошироката маса. Никој не сака на филмското платно да си го гледа оној дел од себе што го чува под седум клучови. Како што програмерот никогаш нема да сака обичниот човек да ги дознае сите негови енкриптирани html кодови. Кај него љубовта не е сфатена како цар на универзумот, туку често е претставена нејзината уништувача моќ. Кај него мајката не мора да биде најпожртвуваното суштество во животот на една индивидуа, напротив, таа може да биде и двигателот на најголемите несреќи на човека.

****

            Ако добро размислиме, основната тема на филмот La piel en la que habito е движењето на сите ликови кон апсолутната среќа и издигнувањето на една индивидуа над општата несреќа.

Несреќата царува во животот на сите ликови во филмот. Роберт е несреќен затоа што неговата жена умрела. Всушност, не е несреќен поради нејзината смрт, несреќен е затоа што не успеал да ја спречи таа смрт. По сообраќајната несреќа која ѝ се случила, во која нејзината кожа потполно била уништена, тој работел ден и ноќ за да ѝ ја врати убавината, но задоцнил, таа се видела во какво чудовиште е претворена и се самоубила. Тоа самоубиство го уништило животот на неговата ќерка Норма која по шокот што го добива кога сведочи на самоубиството од својата мајка никогаш повторно не успева да си ја поврати нормалната состојба. Што значи несреќата на Роберт потекнува од тоа што тој не успеал да ги спречи работите кои и онака не биле во негов дофат, но мислел дека ќе може да ги контролира; Зека, односно ТИГАРОТ е несреќен затоа што никогаш го немал она што секој сака да го има: топол дом, мајка која ќе го сака и некој кој ќе се грижи за него. Тоа можеме да го видиме од фактот што Зека, лут на Роберт кој имал сѐ што овој по некој закон на универзумот би требало да го има како син на слугинката во куќата на Роберт, сака да му се одмазди крадејќи му ја жената, како некоја компензација – своето незадоволство сака да го убие со замена на кратко сексуално задоволство со жената на својот ривал за љубовта од неговата мајка; Мајка им на Зека и Роберт(слугинката, која цел живот крие дека е всушност мајка на двајцата) е несреќна затоа што не успеала до крај да си ги исполни своите либидуозни желби и кон двајцата татковци на своите деца. Таа не се обвинува себе си за својата несреќа, напротив, прво го обвинува нејзиниот син Зека, сметајќи дека, доколку таа не останела бремена со Зека, неговиот татко(исто така слуга во куќата на Роберт) тој никогаш немало да се исплаши од обврската да стане татко и немало да ја напушти. Овој нејзин двигател од потсвеста ја наведува таа да не сака да го гледа него како свој син. Дури во еден момент му вели „Јас не сум твоја мајка, јас само те родив.“. Наклоноста што ја чувствува кон Роберт веројатно се должи на тоа што благодарение на неговото раѓање, успеала да остане во куќата иако била љубовница на газдата и да продолжи да си ги остварува своите либидуозни желби со газдата, но и тоа не ја прави среќа до крај; На крај, Висенте е несреќен поради тоа што во светот во кој што живее не смее да си ја прифати својата вистинска природа, тие негови први либидуозни нагони од најраната возраст тој од страв толку многу ги потиснал во себе што веќе не е ни свесен за нив, но сепак е несреќен, затоа и на почетокот тој сака да избега од местото на живеење, што психоаналитички гледано, всушност е желба за да се избега од сопствената кожа, сопствениот начин на постоење.

Значи заклучуваме: сите ликови се несреќни, а бидејќи несреќата се сфаќа како недостаток на нешто, сите ликови во филмот ќе се движат да го задоволат својот недостаток, сите на различен начин. Кон што ќе ги одведе оваа нивна потрага, ќе заклучиме по подлабокото анализирање на сите постапки на овие ликови.

Прво ќе се задржам на ликот од Роберт:

Кој е всушност Роберт? Тој е научник каков што историјата ретко забележала. Истражува макотрпно. Не спие, не живее нормален живот само за да изнајде нови механизми за подобрување на човековото постоење. Тој е и човек што знае многу да сака. За љубовта која ја чувствува кон неговата жена не смееме ни на момент да ставиме знак прашалник. Исто така е човек што не се штеди да даде сѐ од себе за луѓето што ги сака. Не познава граници… Сето ова можеме да го видиме експлицитно на филмското платно.

Но, ајде да се потсетиме кое е тврдењето на Фројд во однос на начините на кои се заштитуваме од чувството на несреќа. Тој вели дека за тоа користиме три механизми:

  1. Замена на задоволствата
  2. Опојни средства
  3. Големи откажувања кои чувството за бедата во која живееме го намалуваат

Да се обидеме да ги идентификуваме сите овие механизми во постоењето на Роберт. Замената на задоволствата од бедата во која запаѓа е тоа што станува најдобриот истражувач за подобрување на квалитетот на човечката кожа. Тоа задоволство не му ја намалува бедата што ја предизвикува губитокот на неговата жена, ќерка – семејство; Опојните средства – конкретно опиумот што често си го пафка, ама ич не му помага за да се чувствува опуштено. Сетете се на сцената кога е во собата на Вера, наместо да видиме мир во неговите очи, ние гледаме буквално спротивно – преголем немир. А за последното… големите откажувања, тие важат за верниците, за оние кои во ликот на големиот татко гледаат некој кој по смртта ќе нѐ земе во неговото царство и ќе ни даде сѐ што на земјата сме немале. Во Роберт не можеме да го идентификуваме овој механизам од проста причина што Роберт е неверник. Тогаш, што му преостанува на Роберт за да ја победи својата несреќа? Што е она за кое треба да се фати Роберт, и за кое апсолутно многу убаво се фаќа за да ја постигне таа цел? Да стане Бог на земјата. Да, Роберт не може да чека цел век на земјата за повторно да ја види својата љубена Гала. Тој едноставно – ќе го направи она што Бог го направил на почетокот на постоењето. Бог земајќи го реброто на Адам ја создал Ева. Роберт не му го зема реброто на Висенте, но му ја зема кожата и половиот орган и си ја создава својата изгубена жена – Гала. Се прашуваме зошто не му го даде истото име на Висенте…кога веќе му ја даде истата кожа. Токму во кожата се крие одговорот. Доволно е што името на кожата е „Гала“.

Всушност, неговата желба да стане Бог на земјата оди многу подалеку од тоа само да ја создаде неговата жена одново. Сетете се на разговорот што го прави по претставувањето во јавност на неговата нова кожа. Кога колегата му вика дека трансгенезата е недозволена за да се употреби врз луѓе, овој му вика дека не може да прифати таква глупост, таков парадокс, бидејќи интервенираат во сѐ што ги опкружува… кога веќе го прават тоа, зошто да не го прават за да го подобрат човечкиот род. Значи, го става Бог како креатор што создал несовршенство, и се става себеси како Бог што ќе ги поправи грешките на религиски замислениот Бог. Затоа нему не му е важна ни културната обредна забрана: да не се префрлаат клетки од животно на човек.

Ајде да одиме уште подлабоко во анализата на Роберт. Малку ни го превртува желудникот фактот дека Роберт на крај се вљубува во силувачот на неговата ќерка и сака да го мине остатокот од неговиот живот со неа.

Роберт единственото нешто што го сака во животот е неговата жена Гала. Дури и ѝ го опростува неверството и обидот да го напушти – само затоа што ја сака. Заборава да живее надвор од лабораторијата за да успее да ѝ ја врати убавината, но во тој негов зафат му се испречува ќерка му, пеејќи ја таа песна утрото кога Гала се возбудила и сакала да ја види ќерка си низ прозорецот како пее во градината. Исходот го знаеме – се самоубила. Ајде сега да се запрашаме, може ли Роберт да ја сака причината за смртта на неговата љубена? Не… не е возможно. Тоа што го бира Висенте за да му го смени полот и да му го смени ликот не е за да се одмазди за смртта на неговата ќерка, тоа едноставно го користи како изговор, да си најде некакво оправдување за постапката која ја прави, сѐ со цел да го намали чувството на вина, да ја смири совеста бидејќи прави нешто што културата го забранува.

Одејќи малку подлабоко, би сакала да ве потсетам на нешто што ни е добро познато од сказните, а всушност е начин на кој што ние постоиме. Нели во сказните, сите јунаци успеваат во својата цел дури по третиот обид. Ако трите прасиња ги замислиме како три етапи од развитокот на човека: ид, его и супер-его, тогаш ќе сфатиме дека само супер-егото успеало да изгради фукционална куќарка како заштита од волкот. Овој начин на три обиди… функционира насекаде околу нас. Погледнете во религијата: прво ги имаме Крон и Реја родителите на Зевс и сите богови во грчката митологија. Замислата за нив е првиот обид за воспоставување ред во општеството, но бил погрешен, затоа доаѓа замислата за Зевс, Посејдон, Аполон – политеистичката фаза во која за секоја атмосферска појава имало посебен бог – и тоа се покажало со тек на годините како недоволно добра замисла за воспоставување совршена хармонија во општеството, за на крај да дојде монотеистичката религија, онаа која функционира и денес, и која многу векови успевала да ги држи конците на некоја совршена замисла за пишувачот на судбините од горе. Сепак, куќичката што ја направило прасето, сепак има прозори, и кога ќе го отвори прозорот за да влезе воздух во куќарката, волкот ќе скокне, и повторно ќе го изеде. Како што и религијата, овде алудирам на христијанската не успеала до кај да ги држи конците на незнаењето и се појавиле луѓе од типот на Галилејо Галилеј да речат дека земјата сепак се врти додека пламените јазици им го јаделе телото.

Зошто ги раскажав овие две приказни? Ајде размислете…

Затоа што Роберт го прави истото: сфаќа дека човечката кожа е премногу слаба за да ги издржи сите надразнувања преку несреќата на неговата жена, тогаш се обидува да ја спаси жена си, но не успева; Норма, му останува единствено наследство од жена му, и мислејќи дека преку неа ќе успева да го пополни чувството на празнина, со сите сили се обидува да ја извлече од психичката криза во која запаѓа – но не успева; На крај одлучува да ја создаде одново жена си, и во тоа успева. Но! Жена му се обиде да го напушти – со таа цел тој Вера ја чуваше под клуч 24/7. Но! Кожата на жена му изгоре во сообраќајната несреќа, затоа тој мешајќи клетки од кожа на свиња, со клетки од кожа на човек создаде кожа која е отпорна на огин. Но! Жена му го изневери со Тигарот, а Вера беше „силувана“ од Тигарот – и овој го уби за да не му се закани повторно неверство. До сега ни се чини дека сѐ е совршено добро направено на Роберт – богот на земјата. Во мигот кога ги пушти конците од рака, и кога воден од либидото ѝ дозволи на Вера да излезе од затворот – таа го уби. Како што Зевс го уби Крон, како што волкот би го убил прасето доколку сказната продолжеше да се пишува, и како што науката пополека ја убива религијата.

Следен за анализа ќе ми биде Зека – Тигарот:

Кој е всушност Тигарот? Вонбрачно дете, отфрлено од мајка си, изгледано надвор од топлиот дом, криминалец, убиец, бунтовник, сѐ што општеството не го сака во свое опкружување.

Ако го канонизираме фактот дека сите се раѓаме како табула раса, празна плоча врз која подоцна сѐ ни се запишува, тогаш Тигарот не би бил ништо од ова доколку имал дојка од која ќе цица, мајчинска утроба која ќе го грее, машки ривал со кој ќе го помине едиповиот комплекс и стравот од кастрација. Тигарот немал ништо. Имал само студ. Затоа и е такво неговото постоење.

На почетокот на моето излагање спомнав дека односот со Гала, подоцна со Вера(мислејќи дека е Гала) му е само одмазда врз Роберт што му ја одзел мајката, односно љубовта кон мајката. Нема потреба да одам подалеку во анализата… тој цел свој живот го минал борејќи се за да го победи својот ривал, како начин да ја победи својата несреќа, но на крај умира убиен од својот посилен ривал – Роберт.

Ајде сега да се осврнеме накратко и на мајка им на Роберт и Тигарот пред да преминеме на Висенте:

            Ако ги погледнеме сите постапки на мајката на Роберт и Зека тогаш дефинитивно ќе се согласиме дека жената како така никогаш нема да биде прифатена од општеството. Само поради фактот дека одбива да го прифати својот син, не чувствува никаква грижа на совест дури и му посакува смрт. Ајде да речеме вака… Медеја никогаш нема да биде сфатена од пошироката јавност. Но, да погледнеме од друг аспект. Доколку таткото го остави синот, ќе биде осудуван да, но нема да му биде посакувана смрт на пример. Зборувам за овој наш патријахален предок. Зошто е тоа така? Што мислите?

            Фројд за ова има многу убаво објаснување. Едиповиот комплекс кај мажите функционира на начин што прв сексуален објект на момчето ќе му биде мајката, која прва се грижи за него, го дои, го пресоблекува, ги допира неговите гениталии, аналогно на тоа првиот ривал за нејзината љубов ќе биде таткото. Женскиот концепт на овој Едипов комплекс функционира малку поинаку, односно, на прв поглед, според дефиницијата дека детето го гради своето сексуално либидо кон родителот од спротивен пол, што значи ривалот му е истополовиот родител – во случајов, ривал на девојчето би требало да биде мајката. Но дали е така? Фројд вели дека кај девојчињата постои и една фаза која се вика предедипов комплекс и која зазема централно место во сексуалното созревање – а некогаш не се ни надминува. Станува збор за следново: жената за разлика од мажот има два полови органи. Прво се развива клиторисот како минијатура од машкиот пенис, а дури потоа се развива и се чувствува вагината. Значи, жената во себе има и машки и женски принцип, и ако правилно не го помине овој период на развој, односно, ако по првиот сексуален нагон кон мајката, не се оддели и не се префрли врз таткото, можат да настанат многу опасни неврози.

Значи, ако ова го примениме во анализата на ликот на мајката… веднаш станува јасно дека во нашиов случај таа го има развиено повеќе машкиот принцип… и не може да ја почувствува онаа мајчинска заштитничка љубов.

Од друг аспект, она што го кажав на самиот почеток – таа го обвинува Зека за нејзиниот неуспех во сексуалниот живот сѐ уште држи вода и тоа го потврдуваме со нејзината наклоност кон Роберт кој пак ѝ бил визит карта за да продолжи со сексуалните, општествено недоволени игри со неговиот татко кој бил во брак.

Има уште еден аспект од кој може да се гледа омразата кон Зека, а љубовта кон Роберт. Нели нашето потсвесно е составено од ид, его и супер-его. Ид е нашето животинско, од општеството недопрено. Ајде да се потсетиме што прават животните со новороденчињата. Мајка мачка ако види дека едното маче се родило со некаков хендикеп веднаш ќе го убие, или нема да сака да го дои, додека здравото ќе го чува, штити. Мораме да се согласиме дека Роберт е интелектуалецот во семејството, а Зека е деградиран на тој план… натака нема потреба да објаснувам.

Што се однесува до нејзината наклоност кон Роберт. Морам да кажам. Ненадминатиот едипов комплес предизвикува страшни неврози во иднина. Тоа значи дека, како што претходно потврдивме… бидејќи таа го нема надминато едиповиот комплекс, нејзин сексуален објект потсвесно станува Роберт, синот на човекот со кого сексуално општела. Од тука доаѓа и омразата која ја чувствува кон Вера, а претходно кон Гала.

Последниот на кој што ќе се посветам е Висенте, подоцна Вера, но не и помалку важен:

Кој е Висенте? Човекот кој пораснал само со мајка му, работи како дизајнер на женска облека, ужива во женскиот свет на модата, се дрогира, сака да избега од селото во кое живее бидејќи го загушува, нема девојка. Првата сцена во која го гледаме со некаква сексуална настроеност тој е пијан, дрогиран, и не ни успева сексуално да општи со девојката, прво затоа што таа во еден миг се сепнува и го турка од себе, а од друга страна, реално, не знаеме дали доживеа ерекција.

Ќе ја употребиме повторно теоријата за едипов комплекс. Тука станува збор за тоа дека, Висенте цел свој живот го минува со мајка му, без татковска фигура, неговата сексуална настроеност од периодот на сексуално развивање преминала во идеализирање и идолизирање на мајката. До тој степен што тој неа ја гледа како единствена на светот, најдобра и најсовршена. За него не може да има друга жена со исти карактеристики како мајка му на која би ѝ го пренел своето сексуално либидо. Ако го употребиме тврдењето на Јунг дека секој маж има во себе женска анима, а секоја жена во себе има машка анима, тогаш ваквото идолизирање на мајката на Висенте предизвикала женската анима да земе толку силен замав што тој своето сексуално либидо го има насочено кон истополовиот објект. Но! Размислете на овој начин. Висенте живее во мало село, каде што малограѓанштината има толкав замав што буквално би го изеле ако го покаже своето вистинско лице, па супер-егото толку силно го надвладеало што тој длабоко во себе ја потиснал својата вистинска есенција.

            Ако се вратиме на она што го кажавме за Роберт, во однос на механизмите за победување на несреќата. И Висенте сето тоа го прави: задоволството кое му е одземено со тоа што не може врз себе да ги облекува сите женски фустани, бидејќи би бил општествено отфрлен, го побива со тоа што работи во продавница за женска облека; се обидува и со дрога и алкохол да си го смири разочарувањето од своето постоење на начин на кој што не сака да постои, побожен е, а тоа го гледаме во делот во кој од мајка му бара да го благослови пред да оди на забавата. Но! Ништо од тоа не му помага, тој сепак се чувствува несреќно. Последниот обид што го прави за да ја стигне својата среќа, го гледаме кога на забавата се обидува да оди против себе, и да има секс со девојка, неуспешен е обидот. Зошто е неуспешен? Ајде да речеме дека девојката не сакаше. Малку ли силувања има во светов? Да сакаше да оди до крај, откако ја удри ќе почнеше да ја силува, но тој ја облече и избега… избега од местото, а сакаше да избега од себе си. Бидејќи тој во основа е латентен хомосексуалец.

            Следно на што ќе се посветам во анализата е Висенте грабнат од страна на Роберт. Висенте, „силувачот“ на ќерката на Роберт е заробен и како казна му го вади половиот орган – никогаш повеќе да не може да силува никоја друга девојка,  а потоа и му го сменува полот, му става женски лик и го заробува.

Дали ова е казна или подарок за Висенте? Гледано од аспект на човекот кој сака да биде Бог на земјата и сам да пресуди со каква казна треба да се казни силувачот на неговата ќерка, тоа дефинитивно е казна, но не и за Висенте. Сменувањето на полот на Висенте само му овозможува неговата женска анима, неговата латентна хомосексуалност да избие на површина.

Ова можеме да го видиме во сите секс сцени кои следат по неговата трансформација. Во ситуацијата со Тигарот Висенте не бега од сексот, ниту во ситуацијата со Роберт.

Некој ќе се запраша, тогаш зошто толку многу се посветува на практикување јога, која е начин на кој ја постигнуваш нирваната. Сетете се на сцената во која за прв пат е привлечен од јогата. Затворен во собата во која е цели 6 години по 24 часа, гледа на телевизор жена која зборува за придобивките кои ги нуди јогата. И од сите работи што ги кажува, на Висенте, односно сега Вера, таа се задржува само на едно зборче со кое потоа ќе го испише целиот ѕид: слобода. Преку јогата, сака да дојде до слободата. Нему/нејзи јогата не ѝ служи за да успее да го зачува машкиот дел од себе, напротив, да успее да издржи и да се чувствува слободна сѐ додека не излезе на бел ден и не доживее конечно да биде слободна, со слободност да ја покаже својата вистинска сексуалност без никој да го/ја осудува.

На ова тврдење нѐ наведуваат уште два детали. Сетете се на сликата што ја црта на ѕидот: женско тело, со истакнати женски атрибути(дојки и вагина), а главата не се гледа затоа што на нејзино место нацртана е куќа. Ако во куќата го замислиме затворот во којшто Вера живее цели 6 години, а женското тело конечната ослободеност на неговата женска анима, тогаш дефинитивно станува збор тоа дека Вера едвај чека да излезе надвор од затворот, а не дека се противи на тоа што ѝ е сменет полот. Вториот доказ за ова го гледаме во тоа што, фустанот кој пред 6 години толку му се допадна, а не можеше да го облече на себе е фустанот во кој ќе отиде во продавницата каде им соопштува на своите дека бил грабнат и му бил насилно сменет полот. Површно… тој е жртва на лудиот Роберт, но суштински, Роберт само му даде алиби без срам конечно да го живее она што отсекогаш сакал да го живее.

После сѐ, некој ќе рече: тогаш зошто го уби Роберт кога тој е заслужен за неговата слобода. Да, тој е заслужен за тоа што Висенте веќе нема да има потреба да се крие и од себеси за своите вистински афинитети, но Роберт е и неговиот заробувач, оној што го чува во четири ѕида и што не му дозволува да го изживее она што толку долго немал можност да го прави – единствен начин за тоа да го постигне е токму тоа – да го убие.

А, впрочем и без сите овие анализи, Висенте и сам си кажува, во сцената кога го спасува Роберт од нападите на неговиот колега. Тој јасно и гласно кажува: Јас веќе не сум Висенте, сега сум Вера, и секогаш бев жена.

Да заклучиме:

Сите ликови се несреќни: Роберт поради загубата на неговата жена, Тигарот поради ривалитетот со Роберт за љубовта од нивната мајка, Мајка им поради тоа што не е сексуално задоволена, а Висенте затоа што е латентен хомосексуалец. Сите тие се стремат кон апсолутна среќа. Роберт умира поради неа, на тигарот и на нивната мајка исто така крајот им е трагичен – умираат. Зошто Висенте не умира? А има ли поголема казна од тоа што културата душевно ќе го убива кога и да каже дека се родил како жена.

Тоа нѐ наведува да дојдеме до финален заклучок дека: апсолутната среќа, во општество кое поставува толку закостенети граници и кое осудува сѐ што излегува од колективот е невозможна и секогаш, без исклучок чекорењето кон неа завршува трагично.

 

Исус се врати на земјава

Долго време луѓето живееја одрекувајќи го постоењето на Бог, уште повеќе се имаа фатено за оспорување на постоењето на неговиот Син Исус Христос. Во нивните тврдења често викаа „Е нека забремени денес некоја девица со света водичка од босилек, па ќе поверувам“. Бог долго време ги слушаше и се смееше. Не сакаше да им одговори, бидејќи, нели, некои прашања не заслужуваат одговор, а овие, неписмениве луѓе на земјата тоа што тој не им одговараше го сфаќаа како „како може да ми одговори кога не постои“. Ах бе ништожни човечиња, сѐ што постои си го толкуваат како што им е во прилог, а тоа што не постои, го измислуваат и повторно анализата си ја прават по свој терк. Идиотизам.

Ама тоа што тие го одрекуваа неговото постоење, не значи дека тој не постои.  Арно ама последниве децении Бог сѐ послабо го слушаше гласот на луѓето. Не затоа што од старост му откажал слухот, туку затоа што благодарение на блокаторите што ги имаа инсталирано овие од НАСА гласот на луѓето не можеше баш убаво да стигне до неговиот златен престол. Се изнервира до тој степен што го викна Исуса и му рече: Сине мој, ќе одиш долу сега ти, ќе видиш што прават, до каде се стигнати со еволуцијата. Накратко ќе видиш како живеат. Пред да се вратиш ќе ми пишеш мејл, убаво ќе ми објасниш што се случува, и бидејќи 4G-то нешто не ми фаќа убаво ќе ме почекаш додека ти вратам што да направиш .

Така и би. Си го соблече Исус блескаво белото руво, и си натегна црни пантолони струкирани, кошулче белузлаво, удри златен ланец да го затскрие љубовниот тепих, косичето го намачка со масло за коса, го собра во коњски опаш. Секси беше мајкиниот. Сега сфаќам зошто Марија Магдалена му турила око иако бил фрик.

Слезе тој, ама нешто падобранот не му чинеше и наместо да слета во Англија како што му беше прво планот, по грешка слета во Македонија. Остај што ја згреши дестинацијата, па и не успеа убаво да центрира и наместо да чисто, асфалтирано тој слета во најголемиот вир што постоеше. Почна да ја пцуе и мајка му и татко му и сите светии, негови роднини. Отиде во првиот бутик што го најде, побара нова облека, и наместо да влезе во пресоблекувална, пред продавачката си се пресоблече. Оваа пак, наместо да се подзамисли кој е типот кога ги виде раните на рацете и нозете од клинците со кои пред три милениуми беше распнат на крстот го праша „И ти си мазохист?“ – Исус само ја погледна, ништо не ѝ одговори. Ама во нотесот си запиша: Луѓево го немаат гледано ни филмот што секоја година упорно оди на МТВ 1 за моето распнување.

Од бутикот кој се наоѓаше на прв кат во ГТЦ отиде да се напие некое кафенце. Седна во Менада, бидејќи го потсетуваше на менадите што ги изведуваа обредите во чест на неговиот братучед Дионис. Се насочи да го слуша муабетот од масата на двете девојчиња до него. Во себе си рече „кај слушнав, кај се запустев“. Зборуваа за тоа дека дневните хороскопи се апсолутно точни бидејќи се пишувани според тоа што го кажуваат ѕвездите, и си покажуваа на кои места ги имале ставено препишувалките за на испит.

Стана и отиде до нив, ја праша едната што е Меркел, а таа му одговори „оди прво научи се да зборуваш. Тоа е МАРКЕР, и се користи за подвлекување кога учиш или нешто подвлекуваш.“

Иако тоа му беше доволно, одлучи да им даде уште една шанса пред да му пише на татко му и отиде во МАНУ. Бидејќи академија на науките и уметностите нели. Кога влезе внатре, веднаш го удри некоја миризба на труло, скапано. Мислеше дека го немаат фрлено ѓубрето или слично, ама тоа да ти мирисало на хамбургерите што ги јадеа сите и ракиите што им седеа на биро. Веднаш се исчисти од местото. Не ради миризбата, туку ради што му изгледаа вкусно хамбургерите, а не смееше да јаде, можеше да му се слоши на пат до небото.

Кога излезе од МАНУ, си го извади Iphone-от, седна на клупа и почна да пишува:

FROM: isus.hristos_krst@gmail.com

TO: gospod.bog.jehova@hotmail.com

Subject: Ова сѐ заминало во неповрат

Мил тате,

Ќе се обидам да бидам научно настроен во овој мој мејл, бидејќи ти така сакаш и ќе искористам термини од истражувачи за да ти покажам дека учев по филозофија и социологија, а не играв плејстејшен како што сакаше да ме убедиш кога бев мал!

Постои една теорија на Јунг која вели дека во нашите мозоци постојат енграми кои ни се колективно наследство и тие го сочинуваат човечкото несвесно. Ова тврдење се коси со поимањето на човекот како табула раса, односно плоча која раѓајќи се е празна, а потоа со текот на времето човекот врз неа, благодарение на осознавањето на светот на реалноста, запишува секакви податоци.

Спојувајќи ги овие тврдења во едно, ќе кажам нешто. Луѓето кои деновиве ги запознавав и со кои општев се косат и со двете тврдења. Се косат бидејќи низ годиниве немаат ни еден испишан енграм во мозокот, и не манифестираат никакво наследство, барем на чувство за одговорност, а камо ли нешто друго.

Јас навистина не сфаќам како не разбираат дека животот не им е дар, туку обврска. Дури и дрвата имаат своја обврска и активно си ја исполнуваат – го прочистуваат воздухот, а луѓето, гордеејќи се дека со разумот што ти им го даде се разликуваат од животните и растенијата, прават само штета и ништо друго. Барем за гомната што ги испуштаат во канализацијата и со кои ја затруваат природава да се искупат на некаков начин – ама не, ни тоа не го отплаќаат.

п.с. Те чекам да ми пратиш одговор, ама ти нагласувам дека нема што многу да направам, освен да ги срамам со земја, а ти викаш дека уште не е време за судниот ден.

Со љубов,
Исус.

Лебот наш насушен! :)

Нема поголема фрустрација за човека од онаа кога зборовите, кои патем ги смета за свое најдобро оружје, го изневеруваат. Но зборовите не се Каин, а јас не сум Авел. Не е ова класично предавство, ами исконски се поврзува со едно чувство на страв – страв од сопствените мисли. Како да сакаш со потиснувањето на нивниот глас во потсвеста да ја задржиш стихиската природа на мислата, која не добивајќи облик, ами како таква, по форма ништожна сакаш да замине и никогаш повторно да не ти се врати.

И се обидуваш, и ја потиснуваш, и крвта во пелин ти се претвора од обидите да го запреш сопственото битие, да не продолжи со чекорењето таму каде што не треба да чекори – и не успеваш. Впрочем тука се крие целиот апсурд, од самиот старт си свесен дека нема да успееш, а упорно се обидуваш. Мазохистички паѓаш во неуспехот и не се предаваш.

Не, не е ова претходно смислуван пролог, ниту е некоја хиперболизирана сентименталистичка исповед,  туку е само уште еден очајнички обид во небиднина да ги претворам мислите што за прв пат и на хартијава ѝ пречат. А не можам… Не се заборава чекор очаен кон непознат хоризонт, нит студ кој те тера да ги корнеш сувите жолти листови од земјата по која чекориш и со нив да се обидуваш прекривка да си направиш, но ветрот, тој непобедлив противник сѐ од тебе турка, дури и она што никогаш не си знаел дека го имаш, сѐ додека не си го загубил.

Не се заборава протнувањето на раката во џебот длабок, а празен. Трагаш, корнеш, бараш и на крај ситни, рѓосани монети наоѓаш, за корка сув леб да си купиш. И купуваш. И мислиш сувиот леб празнината што телото ти го обзема ќе ја пополни. И се лажеш. Едвај усните ги движиш, не се соџвакува така лесно црниот мувлосан леб, ама го јадеш. Тоа само го имаш, а го имаш она што го заслужуваш и она за кое што си успеал да се избориш. И така почнуваш да уживаш и во скапаноста на она што во себе го внесуваш.
Од еднаш, гледаш, чекориш по ливада полна со гулаби кои не се плашат од твојот чекор, ами стрвно во лепчето ти гледаат.
Го криеш во пазуви, не, не сакаш да го дадеш. Нека ти ја труе утробата, и онака појалова од тоа што светот ништожен ја прави, никогаш нема да биде.
И продолжуваш, чекори, скини трошка, стави ја во уста и уживај иако ти доаѓа цело битие низ уста да го изболваш.
Од еднаш, хармонијата која се воспостави меѓу  гладните бели гулаби и тебе ситата со труло тесто, гавран црн ја разбива. Слетува грациозно само како што смртта знае да дојде, и нема поглед предаторски, ами молежлив, во пазуви те гледа и крик тажен испушта. Сега симфонија од гладни грла се создава, и се предаваш – го дробиш на трошки лебот и го фрлаш, како со тоа да сакаш да им речеш „Еве ви! Најадате се и вие од трулоста! Не сакав да ве изгладнувам, сакав од смрдеата да ве спасам!“
Но не, не секој гнилоста ја мрази, ами некој само неа ја љуби.

… и се вивнаа сите кон тебе, и ронка по ронка сета те изгризаа, ама тебе не те болеше, и онака од отровот веќе умираше…

download

Голема победа ви е тоа?

inline-The-Company-Chaos-You-Dont-Know-Youre-Creating Голема победа ви е тоа? Крвта, татнежот и болката? Тоа ли ви е незаборавна викторија? Солзи и деца во грч фатени? Тоа ли е гордост на поколенија, а срам за цивилизацијата?

Хероите што во песни ги пеете, земјата со крв ја полеваат. А земјата со крв не раѓа плод. Ниту окото дечјо што ја влажни со солза нема да помогне за вегетација да се развие. Историјата веќе не може да зборува за осцилации, толстоевата Војна и мир веќе ја изгуби смислата. Мирот одамна умре. И споменик не му направивте. Како и на неславните јунаци, оние кои заборавени на фронтот паѓаат. Со пепел мирот го покривте. Симболичен гроб му направивте.

Депресивни се моите редови? А какви да бидат?  Срам ми е. Зора зад аголот веќе не се гледа, само темнини.

Улица начичкана со куќи, а во темнината ни едно светло од прозор не се гледа. Празни се. Само сенки чиниш гледаш. Сенки на луѓе кои сега на другата страна на светот виреат. Од тука – таму – со надеж за подобар воздух. Од таму – во бездна – нема спокој под ниедна стреа.

Голема победа ова ви е? Гнев, хаос и немир? Тоа ли ви е незаборавна викторија? Разочарување и луѓе без визија? Тоа ли е перспектива за поколенијата, а срам за цивилизацијата?